Магацинот на компанијата Фриком зафатен е од пожар во Скопје, а денеска компанијата направи соопштение.
– Летото е време за создавање на убави спомени, патувања, бакнежи и сладоледи. За жал, нашата Македонија ова лето се соочува со огнени стихии. Пожарите не го поштедија и вашиот Фриком.
Магацинот, од кој вашиот омилен сладолед стигнува до секој фрижидер, е целосно уништен. Тоа значи дека во следниот период Капри, Мачо или Кинг можеби нема да бидат достапни во маркетите на кои сте навикнати.
Најважно е што нема повредени лица и сите наши вработени се безбедни. Оваа ситуација ни тежи, не само како компанија, туку и како дел од оваа заедница. Децении сме тука, не само на етикетите, туку и со нашето срце.
Сепак, не размислуваме за откажување. Ова лето ќе создадеме спомени за храброста, заедништвото и опстојувањето, како и спомени за пожарникарите на кои сме безмерно благодарни, како и за соседите што си помагаат во борбата против пожарите.
Нашиот тим активно работи на решенија за да се вратиме што е можно поскоро. Не само со сладоледот, туку и со она чувство што го носиме со години – дека сме ваши.
Благодариме за вашата поддршка и пораките што ни ги испраќате.
Ветуваме дека многу брзо повторно ќе го донесеме вкусот на летото, детството, љубовта и насмевките, велат од компанијата.




