Весли Кларк: Интервенцијата на НАТО во Југославија е сосема поинаква од руската инвазија на Украина, што е воено злосторство

Белград, 10 март 2022 (МИА) Нема паралели меѓу интервенцијата на НАТО во поранешната Сојузна Република Југославија (СРЈ) и руската инвазија на Украина, оцени Весли Кларк, пензиониран генерал и поранешен врховен командант на европските силите на НАТО за време на операциите на Сојузничките сили кои траеа од крајот на март до почетокот на јуни 1999 година врз СРЈ, јави дописникот на МИА од Белград.

Во интервју за Гласот на Америка, Кларк објаснува дека Алијансата започнала воена акција против СРЈ по неколкумесечни преговори со тогашното југословенско раководство, на чело со Слободан Милошевиќ, кои конечно пропаднале во Рамбује во Франција.

Тој потсетува дека на ова претходеле репресии врз албанското население на Косово, протерување на стотици илјади Албанци од нивните домови и судири меѓу воено-полициските сили и припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Тоа е сосема различно од она што се случува во Украина. Во таа земја немаше прогон. Русија едноставно ја сака таа земја и дејствува без ограничувања убивајќи цивили. Тоа е воено злосторство, бидејќи Русија се обидува да прегази и контролира една земја, или барем целосно да ја промени нејзината сегашна влада. Разочарувачки е да се видат луѓе кои демонстрираат во корист на Русија на улиците во Србија. Тие очигледно не сакаат да ја видат хуманитарната катастрофа што се случува. Или се слабо информирани, или, на некој начин, политички мотивирани“, изјави Кларк.

Тој го поздрави фактот што балканските држави ја поддржаа осудата на руската агресија врз Украина.

„Можно е Александар Вучиќ и српските власти сѐ уште да бараат среден пат – да ја уживаат поддршката на Русија, но и да се фокусираат на членството во ЕУ и поголема економска интеграција со Европа. Можеби мислеа дека гласањето нема да има големо значење“, кажа тој.

Резултатот од војната во Украина ќе биде поостра поделба во Европа „и мислам дека Србија ќе треба да одлучи – дали ќе стане изолиран и економски осиромашен претставник на Русија или ќе се приклучи на Западот и ќе напредува“.

Прочитајте и:  Борел: Ако западните сојузници престанат да ја поддржуваат Украина, војната ќе заврши за 15 дена

Коментирајќи ги „непријателските држави“ објавени од Русија, меѓу кои и Македонија и Црна Гора, тој оцени дека тие донекаде се заштитени со тоа што и двете земји се членки на НАТО.

„Од друга страна, нивните безбедносни служби треба да бидат будни. Во нив има значително руско влијание, на еден или друг начин, што се остварува преку компании како Гаспром, интереси поврзани со природни или економски ресурси. Ако веруваме во меѓународен поредок заснован на правилата дека споровите треба да се решаваат по мирен пат, или дека земјите треба да имаат право да ја изберат својата политичка припадност, тогаш треба да го поддржиме Западот“, изјави Кларк.

За него, нема сомнеж дека Русија сака да го маргинализира НАТО, да ја скрши лидерската улога на САД и да ја преземе контролата врз Украина.

„Конфликтот беше неизбежен. Тоа е последица на десетгодишниот план на Путин. Единствениот начин да се избегне тоа беше Украина да се предаде. На пример, претседателот Зеленски да поднесе оставка и каже: Во ред е, можете да ја преземете мојата земја!“, оцени Кларк.

Тој нагласи дека рускиот спор со Украина и НАТО нема суштина.

„Додека НАТО не се прошируваше, земјите од Источна Европа бараа да се приклучат, бидејќи се плашеа од Русија. За време на тој процес, ние всушност ја поканивме Русија да влезе во НАТО – што таа го одби. Потоа, наместо тоа, предложивме таа да ужива посебен статус преку Основачкиот акт НАТО-Русија, што ќе ѝ дадеше посебни можности да се консултира со Алијансата. Сепак, Русија беше незадоволна од тоа, затоа што сакаше да има право на вето. Русија смета дека ѝ припаѓаат земјите од Источна Европа“, заклучи Кларк.

- Реклама -