Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се врати во Вашингтон без конкретни резултати по неуспешните преговори со Иран што се одржаа во Исламабад, како и по неуспехот на унгарскиот премиер Виктор Орбан на парламентарните избори.
По повеќечасовните разговори со иранските претставници, Венс изјави дека не е постигнат договор за долгорочно решение на конфликтот поради значајни несогласувања помеѓу двете страни. Во меѓувреме, неговата посета на Унгарија, која се одржа неколку дена порано со цел да обезбеди поддршка за Орбан, исто така не донесе очекувани резултати, откако владејачката партија Фидес доживеа пораз на парламентарните избори.
На изборите одржани на 12 април, победа однесе опозициската партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, која освои убедливо мнозинство во парламентот. Орбан го призна својот пораз по објавувањето на резултатите. Овие настани се толкуваат како сериозен политички удар за Венс, кој во јавноста се смета за потенцијален наследник на Доналд Трамп.



