До утрово попишани 1.760.194 лица, Алијанса за Албанците бара продолжување на рокот за уште 10 дена

Заклучно до денеска во 7:30 часот во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, соопшти Државниот завод за статистика.

Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле 201.247 граѓани од дијаспората.

Денеска е 25-тиот ден од Пописот 2021 и до крајот останува уште еден ден пописни активности.

Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика. Локациите за попишување се достапни на линкот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/SpisokNaKPRzaPopisuvanje.pdf

Од Државниот завод за статистика велат дека во последните денови од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки. Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен. Со сиот расположлив потенцијал се работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис, истакнуваат од ДЗС.

Прочитајте и:  Зибери: Во многу институции при вработувањето сѐ уште има дискриминација по етничка основа

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември, ќе трае до 30 септември.

Засега нема официјални најави ниту барање за евентуално продолжување на пописот.

Претседателот на Собранието – Талат Џафери, вчера порача дека нема пречка да се свика итна седница за продолжување на пописот, но треба да се достави предлог од Владата или група пратеници, и тоа во овие два дена, имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.

Повик да се одржи итна седница за десетдневно продолжување на пописот, вчера дојде од Алијанса за Албанците.

- Реклама -