Утре, на 6-ти јуни, во Diamond Mall, љубителите на музиката, колекционери на винилни плочи, аудиофили и сите оние кои сакаат да ја почувствуваат магијата на аналогниот звук, ќе имаат прилика да учествуваат во Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема. Овој настан на едно место обединува музичка култура, колекционерство, издаваштво и најсовремена аудио технологија.
Во текот на целиот ден, од 10:00 до 22:00 часот, посетителите ќе можат да пронајдат широк спектар на винилни плочи, компакт дискови, музички сувенири и редки колекционерски изданија, како и аудио опрема, претставена од 27 учесници од Македонија, Србија, Грција, Германија, Италија, Бугарија и Холандија. Овој саем нуди исклучителна можност за директна средба и размена меѓу колекционери, издавачи, музичари и љубители на музиката од регионот и Европа.
Посебна вредност на настанот е истакнатата програма исполнета со промоции, разговори и потпишувања на албуми, каде посетителите ќе имаат можност да се сретнат со автори, музичари и издавачи. Ќе бидат презентирани десетици домашни изданија, од современа македонска продукција до култни албуми кои оставиле траен белег на музичката сцена. Посебно внимание ќе привлекува премиерното преслушување на тест принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на нашата најголема музичка ѕвезда, Тоше Проески.
Во текот на денот, атмосферата ќе ја збогатуваат настапите на избрани диџеи од Македонија, Србија, Грција и Бугарија, кои ќе понудат музичко патување низ различни жанрови и епохи, претворајќи го саемот во вистински фестивал на музичката култура.

Посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата на канвас фотографии и оригинални текстови од историјата на македонската рок сцена. Паралелно со изложбата на аудио опрема, ќе бидат организирани презентации за процесот на производство на винилни плочи, вклучително и видео презентации од фабриката Sony во Австрија, како и претставување на европски издавачки куќи кои активно работат на зачувување и развој на винилната култура.
Дополнителна содржина ќе понудат панел-дискусијата „Музичко издаваштво во Македонија – Лет во место?“ и музичкиот квиз, кои ќе создадат простор за разговор, размена на идеи и дружење меѓу сите генерации љубители на музиката.
Ги покануваме сите љубители на музиката да станат дел од ова уникатно музичко доживување и да уживаат во целодневната програма исполнета со звук, приказни, колекционерски богатства и незаборавни средби.





