Уставниот суд на Бугарија го прогласи барањето на претседателот Румен Радев за недозволено, со коешто тој се противеше на одлуката на претседателката на парламентот, Наталија Киселова, која не дозволи разгледување на иницијативата за распишување референдум за воведување на еврото како официјална валута од 1 јануари 2026 година.
Со оваа одлука, практично е потврдено дека во Бугарија нема да се одржи референдум за замената на левот со еврото, што значи дека нема можност за директно општествено изјаснување на оваа тема пред планираниот влез во еврозоната.
Претседателот Радев го објави барањето за референдум на 9 мај, на Денот на Европа, во своето телевизиско обраќање до јавноста. Неговото барање беше доставено до парламентот една недела подоцна, но спикерката Киселова веднаш го отфрли како противуставно. Након тоа, Радев се обрати до Уставниот суд, кој сега едногласно го отфрли случајот како неоснован.
Во својата одлука, Судот утврди дека нема надлежност да пресудува дали парламентот е должен да се изјасни за иницијативи за референдум поднесени од претседателот, ниту дали претседателот на Собранието има право да ги одбие.
Иако одлуката беше донесена со мнозинство, судиите Атанас Семов, Сашо Пенов и Јанаки Стоилов изразија издвоено мислење, а судијката Невин Фати приложи посебна белешка.
Оваа одлука доаѓа во време на поинтензивни дебати во бугарското општество за подготвеноста на земјата за приклучување кон еврозоната и за замена на левот со еврото.




