Успешно спасување во близина на Ливадичко Езеро

По добиеното барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Македонија изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од единицата ВВИНГ, поради сериозноста на повредите и недостапниот терен. Интервенцијата се одвиваше во близина на Ливадичко Езеро, сместено во планината Шара.

Повреденото лице претрпело скршеници на раката, ногата и колкот, и имало значителна загуба на крв, што го довело во критична состојба. На теренот, тимот составен од парамедици, со своите вештини и преданост, успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.

– Армијата, во партнерство со ЦУК и здравствените установи, спроведе успешна медицинска евакуација, по што повреденото лице беше предадено на екипа од итната медицинска помош за понатамошно лекување, нагласија од Генералштабот на Армијата.

Директорот на ЦУК, Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК во Тетово, Арлинда Муареми, активно ја следеа спасувачката операција за извлекување на лицето од провалијата. Спасувањето се одвиваше во општина Теарце, соопшти ЦУК.

Прочитајте и:  Премина во вечноста Един Авдиќ

– Информацијата за инцидентот првично беше примена преку Секторот за итни повици – 112, а потоа соработавме со Секторот за операции и координација при ЦУК. По деталната анализа, утврдивме дека извлекувањето без специјализирана техничка поддршка не е возможно. По тоа, веднаш стапивме во контакт со Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, изјавија од ЦУК.

Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово, директорот Али воспостави директна комуникација со Косовската амбасада, како и со Генц Метај, директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово. Косовските служби испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.

Овој инцидент повторно ја истакнува важноста на меѓуинституционалната и регионална соработка во справувањето со итни и комплексни предизвици, наведува ЦУК.