Во Кавадарци успешно се одржаа вторите Мини Олимписки игри 2026 година, организирани од Олимпискиот комитет на Македонија, како дел од програмата ОВЕП, поддржана од Олимписка солидарност. На настанот учествуваа над 150 ученици од основните училишта во градот. Учениците се натпреваруваа во шест спортски и едукативни активности, кои промовираа олимписките вредности како што се фер-плеј, почит, пријателство и тимска работа.
Настанот се одвиваше во позитивен дух, со силна спортска енергија и големо воодушевување кај учесниците. Сите учесници добија маици, сертификати и медали за своето учество, а најдобрите тројца беа наградени и со трофеи.
Посебен придонес во организацијата дадоа десет наставници, кои работеле со учениците при подготовките и совладувањето на олимпискиот едукативен материјал, што значително помогна за успешното реализирање на настанот. На манифестацијата присуствуваа наставници, директори на училишта и претставници од секторот за образование на Општина Кавадарци.
Локалната самоуправа изрази подготвеност за продолжување на соработката со Олимпискиот комитет, со цел понатамошна промоција на спортот и олимписките вредности помеѓу младите. Во рамките на активностите беше донирана спортска опрема за две училишта, како и училишен инвентар и реквизити за идни спортско-едукативни активности.
Организаторите оценуваат дека Мини Олимписките игри претставуваат важна платформа за развој на спортската култура, социјализација и едукација на младите, како и за зајакнување на олимпискиот дух во образовниот процес.




