Директорот на клиниката, д-р Фадил Цана, извести дека пациентот бил донесен во исклучително тешка здравствена состојба, со веќе развиена масивна бронхопневмонија и акутен респираторен дистрес синдром. Според неговите зборови, симптомите започнале да се појавуваат пет дена пред хоспитализацијата, а поради сериозноста на состојбата, пациентот бил ставен на механичка вентилација.
Пациентот имал неколку коморбидитети и не бил вакциниран против сезонски грип, иако спаѓал во ризична група.
На Клиниката за инфективни болести моментално се хоспитализирани околу 30 пациенти заболени од грип, од кои еден е во потешка клиничка состојба. Претходно, на истата клиника почина и 75-годишна жена кај која исто така беше потврдена инфлуенца А. Таа исто така имала многу хронични заболувања и не била вакцинирана.
Според информации од клиниката, меѓу хоспитализираните доминираат повозрасни лица со компликации, најчесто со сериозно респираторно исцрпување. Во моментов таму се лечат околу 25 до 30 пациенти со потешка клиничка слика.
Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје регистрира растечки тренд на заболени од грип и заболувања слични на грип. Во првата недела од 2026 година, од 29 декември 2025 до 4 јануари 2026, беа пријавени 1.725 случаи, што е за 2,2 пати повеќе во однос на претходната недела. Највисока инциденца е забележана кај децата на возраст од 5 до 14 години.
Здравствените власти апелираат до граѓаните, особено до лицата од ризичните групи, да се јават навреме кај матичниот лекар по појавата на симптоми, да избегнуваат близок контакт со заболени и да размислат за вакцинацијата како ефикасна превентивна мерка, особено за хронично болните и повозрасните лица.


