На 22 мај, во 19 часот, во Салон Империјал 1 при Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, ќе се одржи изложбата на најновите дела на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане, под насловот „Урбани трансформации“. Делата во овој проект ја истражуваат деконструкцијата на урбаните структури, каде што геометриските форми и волумите кои го карактеризираат брутализмот добиваат нов живот и значење. Наумоски истакнува дека силните, монолитни и често минималистички форми на брутализмот нудат богат простор за визуелна интерпретација, кој преку својата сурова конкретност и пространост, го привлекува веќе подолго време неговото внимание.
Гордана Вренцоска, уметница и професорка, вели дека серијата слики на Наумоски, од кои многу се на помали платна, покажува неговата достигната уметничка зрелост. Во оваа серија, тој презентира интригантни и разиграни комбинации на бои, неочекувани композиции и смели форми. Геометриската апстракција во спој со наративните елементи, кои ги обединуваат текстури, светлосни ефекти и сенки, е показ на истражувањето на авторот кон чист визуелен концепт каде што видливото и невидливото (емотивното) составуваат целина.
Според Вренцоска, „Урбани трансформации“ ја демонстрира способноста на Наумоски на генијален начин да ги пресоздаде елементите кои го опкружуваат, со единствена уметничка визија. Наумоски не го критикува брутализмот како архитектонски стил, туку потсетува на неговото запоставување од страна на општеството. Наместо тоа, тој го слави и го оживува културното наследство на урбаната средина, нудејќи му нов уметнички живот и еволуција.