Управата и стручниот тим на ФК Пелистер поднесоа оставки

Пелистер не успеа да обезбеди опстанок во Првата македонска фудбалска лига по денешниот неуспешен натпревар против Шкендија Арачиново. По овој пораз, управата и стручниот штаб на клубот одлучија да поднесат оставки.

Во продолжение, ви го пренесуваме соопштението на клубот од Битола:

– ФК Пелистер ја информира јавноста дека, по денешниот пораз и испаѓањето од Првата лига, претседателот на клубот, заедно со целокупната управувачка структура, техничкиот директор, како и целиот стручен штаб, ќе поднесат оставки до градоначалникот на Општина Битола, преземајќи морална одговорност за постигнатиот резултат.

Во изминатиот период, реализирани беа бројни активности и вложени значителни напори за зајакнување на клубот и обезбедување на неговиот опстанок во Првата лига, но за жал, вложеното не беше доволно за остварување на посакуваните резултати.

Прочитајте и:  Повеќе пловила поминале низ Ормуската Теснина и покрај обновените тензии на Блискиот Исток

Покрај оставките, досегашната управувачка структура бара спроведување на целосна ревизија на работата на клубот, за да се ослободи јавноста од било какви сомнежи во врска со евентуални злоупотреби на финансиски средства и да се потврди нивното наменско и транспарентно трошење.

Со овој чекор, се презема одговорност за резултатите, но истовремено се остава простор за темелна анализа на досегашните постапки и донесување на нови одлуки, сè во интерес на идниот развој и напредок на ФК Пелистер.

Во денешниот бараж, Пелистер загуби на пенали.