Уникатно африканско искуство на Оффест со Вју Фарка Туре и Флоренс Адони

Познат како „Хендрикс од Сахара“ и син на легендарниот Али Фарка Туре, Вју Фарка Туре не е само виртуоз на својот инструмент, туку и носител на традицијата која вешто ја поврзува со современите потоци. Оваа способност за иновативен дијалог уште еднаш се потврди со неговата соработка со Khruangbin, американски инди бенд од Тексас. Заедничкото издание „Ali“ (2022) со интерпретации на дела од неговиот татко, Али Фарка Туре, внесува нова димензија во наследството, покажувајќи дека Вју не само што стои на нозе, туку и успешно го надградува. Критиката, која му даде високи оценки за овој албум, е само рефлексија на она што љубителите на западноафриканската музика го знаат веќе две децении. Вју Фарка Туре успешно продолжува да создава музика која е полна со пораки за мир, толеранција и љубов. Неговиот последен албум, „Les Racines“ (2022, World Circuit), кој во превод значи „Корени“, е вистинско ремек-дело и го поставува Вју меѓу најзначајните фигури во светот на африканската музика.

Музиката на Флоренс Адони е уникатна комбинација на Фрафра госпел и енергичниот хајлајф звук, но и многу повеќе од тоа. Таа претставува многуслоен тоталитет на инструментална виртуозност, синкопирани ритми и богати вокални хармонии. Потекнува од Фрафра заедницата на северот на Гана, но е родена на југот. Уште од раѓање, Флоренс е изложена на мешавина од култури, што ѝ овозможува да ги спои двата света. Нејзиниот прв албум „La Pa’aya“ (2011) веднаш стана хит, а промени настапуваат две години подоцна кога германскиот продуцент Max Weissenfeldt ја запознава во музичка продавница, каде што таа сама го дистрибуира својот втор албум „Da Sake“ (2013). Потоа следуваат многу соработки со локални супер-групи и во 2018 година за прв пат настапува во Европа. Нејзиното прво меѓународно издание „Mam Pe’ela Su’ure“ (2021) привлекува големо внимание, а до 2023 година веќе настапува на значајни фестивали. После повеќе од 70 концерти низ Европа во последните две години, Флоренс Адони доаѓа во Скопје со нови композиции од албумот „A.O.E.I.U“ за Philaphone records.

Вчера публиката имаше прилика да ужива во уникатното музичко патување што го создадоа Кимо Похјонен, виртуоз на хармоника од Финска, и португалската џез дива Марија Жоао. Следната вечер ќе биде посветена на Јулија Козакова Трио од Словачка, фолк-рок бендот Мордаи од Унгарија и македонскиот состав „Луфтанза“.