Унгарски „Фор-ај-џи“ и официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации

„Сега веќе АЕК треба да ја води постапката и се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот на два оператори, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари“, рече вицепремиерот Александар Николоски во вчерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5

Унгарскиот телеком-оператор „Фор-ај-џи“, вчера поднел документи во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) со што и официјално изразил интерес да стане трет мобилен оператор во земјава, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Логото на унгарскиот телеком-оператор (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Ова, како што кажа вицепремиерот во вчерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, ќе значи крај на дуополот на двата актуелни мобилни оператори во земјава и намалување на цените на мобилните услуги.  

„Унгарската компанија денеска (12.12.2024 г.) официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката и се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот на два оператори, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари“,  

рече Николоски.

Говорејќи во таа насока, тој кажа дека секоја друга компанија може да конкурира за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, а целта е да се обезбедат поевтини услуги за граѓаните.  

Образложувајќи ги ваквите намери, Николоски изјави дека одлуката следи откако актуелните мобилни оператори во земјава не направиле ништо во изминатиот период за да ги подобрат условите и цените за услугите кои им ги даваат на граѓаните.  

„Ниту ги намалија цените, ниту ги подобрија услугите, ниту го почитуваат законот“,

рече вицепремиерот и министер за транспорт. 

Поднесувањето на документи во АЕК следува откако кон средината на октомври унгарската телеком-компанија, која по смената на власта изрази желба да стане трет оператор во земјава, отвори фирма во Скопје под називот „Оне Македонија телекомуникации“, објави тогаш „Призма“. 

Информации за фирмата беа објавени на веб-страницата на Централниот регистар, според кои компанијата е регистрирана на адреса на адвокатската канцеларија „Михајлоски и Поповска“, каде што коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. 

Веста за регистрацијата на фирмата тогаш преку соопштение до медиумите ја потврдија и од компанијата.  

„Со завршувањето на процесот за регистрација на компанијата за иден извршен директор на ‘Оне Македонија телекомуникации‘ е назначен Тамаш Табори, кој е заменик-извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во унгарската матична компанија“,

соопштија од „Фор-ај-џи“. 

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски / Фото: „360 степени“ (Архива)

Највата за потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава во јули дојде токму од вицепремиерот и министер за транспрот, Александар Николоски, кој, како причина за ова и тогаш ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои, како што рече, во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави. 

На почетокот на септември, премиерот Христијан Мицкоски, објаснувајќи го потпишувањето на меморандумот за соработка на Владата со телекомуникацискиот оператор „Фор-ај-џи“ (4iG) рече дека тендер за нов трет мобилен оператор мора да има, а ќе биде распишан во следниот период. 

Инаку, за прашањето за евентуален влез на унгарски „Фор-ај-џи“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатиот период известуваше „360 степени“. 

- Реклама -