Унгарија започна истрага против медиумскиот магнат поврзан со Орбан.

Унгарската полиција започна истрага за злоупотреба на средства и перење на пари поврзана со еден од највлијателните медиумски бизнисмени во земјата, кој со години редовно добивал профитабилни договори од владата на Виктор Орбан. Истрагата е покрената на основа на информации добиени од даночната служба, а во моментов е насочена против непознат сторител. Полицијата објави дека се истражуваат финансиски трансакции, како и договори за кои постои сомневање дека биле преценети. Во рамките на постапката, замрзнати се банкарски сметки и запленети средства на дел од компаниите.

Истражуваниот е Ѓула Балаши, сопственик на бројни медиумски и маркетинг компании, кои повеќе од една деценија работеле на владини кампањи за Орбан. Неговите фирми стоеле зад значајни политички иницијативи, вклучувајќи антимигрантски пораки и последната изборна кампања со акцент на наративот за „војна или мир“. Балаши потврди дека понудил да ги пренесе своите компании и дел од инвестициите на државата, откако новата влада под водство на Петер Маѓар ја презела власт. Тој тврди дека нема што да крие и дека не сторил ништо незаконско.

Прочитајте и:  Интензивни преговори за Иран: Венс се собра со премиерот на Катар

„Ѓула Балаши соработува со полицијата и сите надлежни институции и е достапен во секое време“, соопшти неговата компанија. Новата влада на Унгарија, предводена од Маѓар, најави значајна промена и борба против корупцијата, вклучувајќи враќање на така наречените „украдени државни средства“.

Во периодот од 2019 до 2021 година, компаниите на Балаши добиле државни договори во вредност од околу 295 милијарди форинти (приближно 960 милиони долари), најчесто преку Канцеларијата за национални комуникации, која управувала со владините кампањи. Оваа истрага пристига во чувствителен политички момент, непосредно пред официјалното стапување на новата влада на функција, што дополнително ја засилува вниманието околу можните злоупотреби во претходниот систем.