Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, изјави дека значењето на претстојната средба меѓу американскиот и рускиот претседател „може да се види и од Месечината“, но дека Европската Унија се обидува да ја саботира.
„Повторив дека ставот на Унгарија е дека решението за војната во Украина не се наоѓа на боиштето, туку на преговарачката маса. Договорот помеѓу САД и Русија нуди најголеми шанси за мир, затоа Унгарија го поздравува и со нетрпение ја очекува средбата меѓу двајцата претседатели“, истакна Сијарто во објава на социјалната мрежа.
Тој истакна дека Унгарија постојано се залага за прекин на огнот, започнување на мировни преговори и зачувување на дипломатските канали, дури и во моменти кога тоа не беше приоритет за европските и американските лидери.
„За жал, мораме да констатираме дека политичарите од Европската Унија кои се во прилог на војна, ја користат секоја можност за да го насочат патот кон мирот кон погрешна страна и да спречат успешна средба помеѓу Трамп и Путин“, предупреди шефот на унгарската дипломатија.
Сијарто заклучи дека Унгарија е заинтересирана за успех на средбата на високо ниво, дека ќе обезбеди целосна поддршка и дека ќе вложи максимални напори за да ги минимизира обидите од Брисел да ја нарушат или отежнат таа средба.




