Унгарија го исфрли европскиот шампион Шпанија.

Ватерполо репрезентацијата на Унгарија стана трет полуфиналист на Европското првенство што се одржува во Белград. Унгарците ја совладаа Шпанија, бранителот на титулата, со резултат 15:14, откако натпреварот заврши изедначено и беше решен на изведување пенали.

Акос Наѓ блескаше за Унгарската екипа со три погодоци, додека Серхи Кабањас беше најпрецизен кај Шпанците со четири гола. Дуелот беше многу напнат и изедначен до самиот крај. Унгарија успеа да води во поголемиот дел од натпреварот, дури и со предност од два гола во два наврати (3:1 во првата четвртина и 7:5 во третата).

Унгарската екипа беше на чекор до победата дури и пред изведувањето на пеналите, водееќи со 11:10 само 33 секунди пред крајот, а имаше и посед на топката.

Но, Унгарците не успеаја да ја завршат ситуацијата во своја корист, оставувајќи седум секунди за напад на Шпанците, а Кабањас тоа го искористи за израмнување.

Унгарскиот голман Вогел одбрани два ударa, додека Шпанецот Агире успеа да одбрани еден. Стрелец на победничкиот гол беше Фекете.

Унгарија го заврши групното натпреварување на втората позиција, зад Србија, која претрпе пораз од Црна Гора со 15:13 во натпревар без значење за нив.

Во полуфиналето, Унгарија ќе игра против Грција, која го освои првото место во Групата Ф. Второто полуфинале ќе го формира Србија и победникот од натпреварот меѓу Хрватска и Италија, закажан за среда во 18:00 часот.

Полуфиналните натпревари ќе се одржат во петок.

Фото/ EPA