Фирмата „Линк Медиа Плус ДООЕЛ“ од Скопје е избрана да го реализира новогодишното украсување на главниот град, откако ја доби тендерската постапка како единствен понудувач. Вредноста на договорот достигнува 3.260.000 денари, а компанијата првично треба да обезбеди банкарска гаранција за извршување, по што ќе се потпише договорот и ќе започне поставувањето на декорациите.
Оваа компанија годинава ги освои и тендерите за украсување во Општина Центар и Општина Штип. Според системот за јавни набавки, „Линк Медиа Плус“ имала ангажмани и за одржување на службени возила на Управата за финансиска полиција, услуги за миење улици, како и набавка на корпи за отпадоци. Во 2023 година, истата компанија го реализираше украсувањето за празниците во Кавадарци, Чаир и во скопскиот Трговски центар.
Што ќе биде поставено? Според спецификацијата од тендерот, фирмата треба да инсталира новогодишни и светлосни елементи на повеќе локации низ Скопје. Најзначајниот дел од украсувањето ќе се наоѓа на плоштадот „Македонија“, каде што ќе се постават:
– Светлосна фигура во форма на „подарок“ со минимални димензии од 4 метри должина и 3 метри висина (3 парчиња)
– Новогодишна елка со висина барем 13 метри, изработена од метална конструкција, вештачко зеленило, украси и светилки
– 3Д фигура „мече“ висока 4 метри
– Големи алуминиумски светлосни ѕвезди во две димензии
– 3Д рамка за фотографирање во форма на Дедо Мраз
– „Ѕвездено небо“ со минимум 800 м² лед-мразулци
– Светлосна обвивка на канделабрите (25 столбови)
Покрај централниот плоштад, украсувањето ќе опфати и главните улици и булевари во Скопје: „Даме Груев“, „Димитрија Чуповски“, „11 Октомври“, булеварите „ВМРО“, „Гоце Делчев“, „Партизански Одреди“, како и улицата „Филип Втори Македонски“. На овие локации ќе се инсталираат висечки светлосни елементи, лед-фигури, мразулци и декоративни конструкции.
Пред Владата ќе бидат поставени 40 светлосни елементи од типот кој е предвиден и за останатите булевари. Проектот, според документацијата, целосно го спроведува компанијата, која исто така ќе одговара за демонтажа по завршувањето на празничниот период.
Градот Скопје сеуште не објави точно кога ќе започне поставувањето на украсите, но согласно договорните рокови, тоа би требало да започне веднаш по формалното потпишување на договорот.




