Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека украинските сили успеале да го спречат напредувањето на руската армија во североисточната Сумска област и моментално се водат боеви на самата граница, со цел повторно воспоставување на контролата.
„Ситуацијата се нормализира. Борбите се насочени кон границата. Непријателот е запрен. Најдлабоката точка на офанзивата е седум километри од границата“, истакна Зеленски во свое соопштение.
Според неговите податоци, Русија распоредила околу 53.000 војници во правецот кон Суми. Иако руските сили се концентрирани на Доњецката област, од почетокот на месецот, Москва ги интензивира нападите и на североисток, најавувајќи формирање на т.н. безбедносна зона во Сумска и Харковска област.
Зеленски истакна дека украинската војска успешно ги одржува одбранбените линии долж повеќе од 1.000 километри фронт и нагласи дека руски сили не ја преминале административната граница на Дњепропетровска област, која се граничи со три области делумно окупирани од Русија: Доњецк, Херсон и Запорожје.
Покрај тоа, украинските сили извршија напад со дронови, при што собориле неколку руски авиони и оштетиле мост што ја поврзува Русија со анектираниот Кримски Полуостров, користејќи подводни експлозиви.
Зеленски истакна дека Украина не може целосно да ја врати територијата само со воена сила и повторно повика на построги санкции против Русија, со цел да се принуди Москва на преговарање.
Претходните два круга мировни преговори помеѓу Киев и Москва во Истанбул донесоа ограничен напредок, при што страните се согласија единствено за размена на заробеници. Неколку размени веќе се спроведени овој месец, а Зеленски очекува следната да се реализира до 20 или 21 јуни.
„Договорено е размената да заврши, по што ќе следува разговор за следниот чекор“, изјави тој.