Вработените во Зоолошката градина во Скопје денес организираа роденденска прослава за мајмунот Мики. За жал, за време на прославата, некои посетители украле дел од даровите подготвени за него.
„Приказната започна тежок, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики, кога беше бебе, беше отфрлен од својата мајка и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во тој критичен момент, неговиот живот зависеше од посветеност, грижа и борба на луѓето околу него. Нашата зоонегувателка Зера, покрај него беше 24 часа, во соработка со други колешки, обезбедувајќи му поддршка без да остане сам ниту еден момент. Со многу љубов, трпение и професионална грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче“, изјавија од Зоолошката градина пред четири дена.
„Воедно, сакаме јасно да истакнеме дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа за Мики беше единствената шанса за негов опстанок. Овој настан е и можност да им оддадеме признание на сите кои придонесоа за неговото спасување, а особено на нашата колешка Зера за нејзината неверојатна посветеност, како и на целокупниот тим кој учествуваше во неговото лекување и рехабилитација“, дополнуваат од зоолошката градина.
Тие ги повикуваат сите заинтересирани да го запознаат Мики, кој сега успешно се ресоцијализирал и живее со својата сестра Делфина.




