Според државниот обвинител Љупчо Коцевски, предметот сè уште е во предистрага, а документите од УЈП ги добиле дури четири месеци по големата акција


По првпат во предистрага обвинителството побара одземање на пасош, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Станува збор за предметот поврзан со струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кој дел од медиумите пред неколку дена објавија дека има опструкции од страна на обвинителството, по претресите што се случија во септември. Според Коцевски, предметот сè уште е во предистрага, а документите од УЈП, како што вели, ги добиле дури во петокот, односно четири месеци по големата акција.
Коцевски: По наредба на Јавното обвинителство дури сега од страна на Управата за јавни приходи, извршени се контроли во скоро деведесет отсто од фирмите, и сега е доставена, точно, во 17 часот во петокот. Во однос на предистрагата само можам да кажам дека во моментот на претресите Јавното обвинителство побара од судот да му се одземе пасошот. Првпат можам да кажам е тоа досега, во предистрага да му се одземе пасош. Знаете, досега колку сме имале предистраги па ништо, не е одземен пасошот.
„360 степени“: Повторно на линија да ѝ се допаднете на извршната власт, зошто?
Коцевски: Па, не да се допаднеме, туку затоа што се работи навистина за голем обем на докази. Таму тврдеа дека се работи за еден-два камиона докази, а од она што го имаше Јавното обвинителство како информација, прво, се работеше за помал износ милионски. Меѓутоа, не да се допаднеме, туку имајќи ја предвид тежината на предметот, Јавното обвинителство мораше да даде, да предложи некаква мерка и по таа мерка до денес се постапува.
Коцевски беше прашан и дали при претресите навистина се пронајдени дијаманти, како што објавија некои медиуми.
Коцевски: Во моментов не можам да откривам никакви детали, но ми се чини дека тоа беа повеќе новинарски написи.
„360 степени“: Значи, сепак, станува збор за кристали од лустер во познатата „Вила парк“ во Струмица?
Коцевски: Па, не можам да тврдам, се работи сè уште во предистрага.
Во известувањето што од ОЈО ГОКК го испратија до медиумите за време на викендот се посочува дека уште во септември побарале од УЈП да им ги достави записниците од спроведените контроли. Но, по првпат официјално им биле доставени на 10 јануари и тоа попладне, околу 17 часот.
„Доказниот материјал допрва треба да биде предмет на анализа и на утврдување на евентуално предизвиканите штети. Од сето погоре наведено произлегува дека наводите што се појавија во одредени медиуми за утврдените штети и за докази за финансиски малверзации, се неточни и неосновани. Јавниот обвинител во повеќе наврати бараше забрзување на постапката за прибирање и доставување на бараната документација. Од самиот почеток на предистражната постапка, обвинителството во насока на обезбедување присуство и непречено спроведување на постапката, постапи согласно своите надлежности и согласно закон и до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за лицето за кое станува збор во текстот. Судот тогаш го прифати предлогот и на лицето му определи мерки на претпазливост кои сѐ уште се активни – одземена му е патната исправа и истото има обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен орган“,
се наведува во известувањето од ОЈО ГОКК.