Учење на грчки јазик преку ФБ-страницата на амбасадата во Скопје: „Виножито“ ги нуди своите македонско-грчки речници.

На прв поглед, програмата на Фејсбук, наречена „Да зборуваме грчки, чекор по чекор“, изгледа како позитивен потег од страна на грчката амбасада во Македонија, со цел да се поттикне добрососедството и да се надминат политичките стереотипи во македонско-грчките односи, што се истакаа дури и по Преспанскиот договор.

Овој чекор доби поддршка од Павле Воскопулос, член на Колективното раководство на Виножито – Европска слободна алијанса, кој во својот коментар на Фејсбук-страницата предложи двотомниот грчко-македонски и македонско-грчки речник, издаден од Виножито.

„Почитувани, по повод вашата последна иницијатива, сметаме дека употребата на соодветна литература може значително да го олесни реализирањето на вашиот проект.”

Виножито – Европска слободна алијанса во изминатите години го објави двотомниот Грчко-македонски и Македонско-грчки речник, кој е важно референтно дело за сите кои се интересираат за современиот македонски јазик.

Важно е да се спомене дека издавањето на речникот беше поддржано од средства добиени по одлука на Европскиот суд за човекови права, во врска со настаните од 1995 година и употребата на современиот македонски јазик на двојазичната табла пред просториите на партијата.

„Ако сметате дека е корисно, би ни било задоволство да ви го предадеме ова издание, како и нашето искуство, за да придонесеме кон оваа важна иницијатива, како во Скопје, така и пошироко,“ напиша Павле Воскопулос во својот коментар на страницата на Амбасадата на Грција во Македонија.

Секој напор за искрено добрососедство и комуникација во односите помеѓу Македонија и Грција заслужува поддршка, вклучувајќи ја и оваа иницијатива за учење на грчки јазик за македонските граѓани на Фејсбук. Во таа насока, би било корисно амбасадата да ги разгледа и користи речниците изготвени од Виножито за правилно разбирање и учење на грчкиот јазик.

Ј.П.