„Убавините на езерото, градот и спортот“: Прва самостојна изложба на фотографии на Петар Паунче – Скитник

„Убавините на езерото, градот и спортот“ е насловот на изложбата на фотографии на Петар Паунче – Скитник, која ќе се отвори на 26-ти декември 2025 година, во петок.

Ова е неговата прва самостојна изложба, каде на едно место ќе може да се доживеат смеата, тагата, возбудата, мирот и, пред сè, љубовта кон малите и големите нешта што животот и природата ги нудат.

Отворањето ќе се одржи во 19:00 часот во Младинскиот центар во Охрид, а промотор на настанот ќе биде режисерот Илија Пиперкоски.

Петар Паунче – Скитник, роден на 7 август 1974 година, потекнува од познато фотографско семејство и од мали нозе се запознава со убавината на светот, гледана преку објективот на камерата. Низ годините, со своите фотографии, успева да ја долови смеата на непознатите туристи, разбрануваната моќ на езерските бранови, мирното пловење на едрилиците, упорноста на маратонците и водената игра на малите палавковци. Старата калдрма и куќите што горделиво раскажуваат историја, бројните цркви што како кралици се протегаат над езерската шир, се бајковито уловени преку објективот на Скитник.