Основното јавно обвинителство во Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен државјанин од Турција, осомничен за убиство и обид за убиство, кои се случиле на новогодишната ноќ во кафе-бар во Старата скопска чаршија.
Според информации од обвинителството, осомничениот, кој живее во Тетово, имал расправија со двајца млади Турци во возраст од 22 и 23 години. По првичниот конфликт, оштетените отишле на плоштадот, но бидејќи не можеле да најдат такси, повторно се вратиле во чаршијата и се нашле во близина на истото место.
При повторната средба, расправијата ескалирала, по што осомничениот извадил нож и му нанел четири убоди во градниот кош и срцевата област на 22-годишниот Ахмет Мерт Доган, кој починал на место. Со уште еден убод во грбот, тој го повредил и вториот оштетен, стремејќи се и него да го лиши од живот, по што избегал.
Во текот на истрагата биле преземени повеќе дејствија: наредена е обдукција, подигнати се траги за вештачење, извршени се разговори со сведоци и обезбедени се снимки од видео-надзор, врз основа на кои е идентификуван осомничениот. Истражните органи утврдиле дека тој се наоѓа во Косово, каде бил лишен од слобода од тамошните властите. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје поднел предлог за определување притвор во отсуство, по што веднаш ќе започне постапка за екстрадиција.




