Тврдењата дека заѕиданите 350.000 евра припаѓаат на судијата не се точни; родителите признале дека парите се нивни, изјави неговиот адвокат Давидовиќ.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го застапува апелациониот судија Ѓоко Ристов, кој е под куќен притвор, нагласи дека истрагата за противправно стекнување и прикривање имот носи правни проблеми и не може да се применува на судија. Во интервју за ТВ24, Давидовиќ истакна дека законската одредба на која се повикува Обвинителството се однесува на одговорни лица во јавните институции, јавните претпријатија или органите што управуваат со државен имот, но судот не спаѓа во таа категорија.

Тој додава дека ваквата формулација не може да се применува ниту на судии, ниту на обвинители, што доведува до сериозни правни дилеми околу квалификацијата на делото.

Како клучен доказ, Давидовиќ го посочи износот од 350 илјади евра, пронајден во домот на Ристовите родители. Според записникот од претресот, овие средства биле декларирани како нивни лични пари. „350 илјади евра, кои беа најдени кај неговите родители, а на записникот пишува дека се нивни лични средства, тоа го признава и обвинителката“, истакна Давидовиќ.