Турција до НАТО: Шведска нема да се приклучи на Алијансата до состанокот следната недела

Турција го информираше НАТО дека ратификацијата на членството на Шведска нема да биде завршена навреме за церемонијата за пристапување на земјата да се одржи на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата следната недела, изјавија два извори запознаени со ова прашање, пренесува Хина.

Минатата недела, Комисијата за надворешна политика на турскиот парламент го одложи гласањето за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, за да овозможи понатамошни дискусии на оваа тема.

Комисијата најверојатно ќе ја продолжи дискусијата за ова прашање во вторник или среда, рече еден од изворите.

Министрите за надворешни работи на НАТО ќе се сретнат во Брисел токму тие денови, на 28 и 29 ноември, а дел од западниот одбранбен блок се надеваа дека собирот ќе го одбележи приемот на Шведска.

И Шведска и Финска аплицираа за влез во НАТО минатиот мај по руската инвазија на Украина.

Во тоа време, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се спротивстави на двете барања поради, како што рече, овие северни земји ги штитат оние што Турција ги смета за терористи, како и поради ембаргото за оружје на тие земји.

Турција ја поддржа кандидатурата на Финска во април, но ја остави Шведска да чека. Официјална Анкара побара од Стокхолм да преземе повеќе чекори за да ги заузда локалните членови на Курдската работничка партија (ПКК), која Европската Унија и САД ја сметаат за терористичка група.

Како одговор, Стокхолм претстави нацрт-закон за антитероризам со кој членство во терористичка организација е нелегално, а исто така ги укина ограничувањата за извоз на оружје во Турција. Велат дека го исполниле својот дел од договорот потпишан минатата година.

За ратификација на членството на Шведска, нацрт-законот треба да биде одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи пред да биде испратен во парламентот на гласање, што може да се случи неколку дена или недели подоцна. Процесот ќе заврши откако Ердоган ќе го потпише законот.

Унгарија исто така сè уште го нема ратификувано членството на Шведска, но се смета дека главна пречка за нејзиното членство во Алијансата е Турција.

МИА

- Реклама -