Во железничка несреќа што се случи синоќа близу до Ридлинген, во сојузната покраина Баден-Виртемберг, загинаа три лица, додека околу 50 се повредени, од кои 25 потешко, информираа германските власти.
Меѓу жртвите се наоѓаат машиновозачот и уште еден работник од државната железничка компанија Дојче Бан. Непосредно пред несреќата, околу 18:10 часот, два вагони од регионалниот воз на линијата RE 55 излетаа од шините.
Возот патувал од Зигмаринген кон Улм, на околу 45 километри југоисточно од градот, кој е во близина на границата со Баварија. Во моментот на инцидентот, регионот бил зафатен од силно невреме, а полицијата од Улм истражува можноста за свлечиште како потенцијална причина за падот на вагоните.
На фотографиите од местото на несреќата се забележани искршени гранки и откината оска од возот, распоследени покрај пругата. Спасувачките екипи се обидувале да извлечат патници од делумно превртени вагони, а во заднината се слушале крик, кои сведочеле за ужасната ситуација.
Генералниот директор на Дојче Бан, Рихард Луц, најави дека денеска ќе го посети местото на несреќата за да се запознае со состојбата и да им се заблагодари на спасувачките служби. Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите и посака брзо оздравување на повредените.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерот на Баден-Виртемберг, Винфрид Кречман, како и министерот за внатрешни работи, Томас Штробл, кој исто така присуствуваше на местото на несреќата, ја изразија својата шокираност и сочувство.
Железничкиот сообраќај на релацијата помеѓу Мундеркинген и Зигмаринген е прекинат на неопределено време.




