Трипуновски: Со мерки и проекти ги поттикнуваме младите да вложуваат во земјоделството

„Еден од моите основни приоритети е да внесеме нова енергија и сила во земјоделскиот сектор, бидејќи единствено така можеме да постигнеме стабилност и одржливост. Освен стимулативните и финансиските програми, рентабилноста е клучен елемент, со оглед дека секој млад човек, без разлика дали сака да се занимава со земјоделство или некоја друга професија, секогаш размислува за профитабилноста. Нашиот фокус е да овозможиме рентабилност во земјоделството“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во емисијата „Аграр“.

Тој нагласи дека младите, кои аплицираат на јавните повици без разлика дали се за доделување земјоделско земјиште или грантови, имаат предност. „На овој начин им овозможуваме отворање на врати и зголемена сигурност за реализација на нивните идеи“, додаде министерот.

Во новиот Закон за земјоделство и рурален развој е предвидена посебна мерка која ќе пружи директна поддршка и ќе поттикне младите да започнат сопствени земјоделски бизниси. Вендирањето на законот ќе им овозможи на младите да добијат значајни грантови, со цел да се мотивираат да се вратат во руралните области и активно да учествуваат во производството. „Првите реакции во однос на оваа иницијатива се исклучиво позитивни“, истакна министерот.

„Мојата порака до земјоделците е да продолжат да бидат храбри и да произведуваат. Министерството и Владата ќе бидат тука за да соработуваме во одржувањето и развојот на овој сектор. Се надевам на добра година, поволни климатски услови и 2026 година која ќе донесе уште поголеми успеси“, заклучи министерот Трипуновски.