Најмалку 13 лица загинаа, а 15 се повредени во голем пожар што беснее повеќе од осум часа во станбениот комплекс „Ванг Фук Корт“ во четвртта Тај По во Хонг Конг. Властите соопштија дека огнот избувнал пред 15 часот по локално време, а спасувачките тимови во моментов се борат да го контролираат. Пожарникарите се соочуваат со екстремно високи температури во внатрешноста на зградите, што значително го отежнува пристапот до затекнатите станари на повисоките катови. Еден од пожарникарските претставници потврди дека борбата со огнот е многу комплексна и дека условите се „на работ на издржливост“.
Комплексот „Ванг Фук Корт“ се состои од осум високи станбени кули, кои имаат речиси 2.000 станови и околу 4.000 жители. Голем дел од нив се постари лица, при што околу 36 отсто од населението е над 65 години. Евакуираните граѓани вечерва нема да можат да се вратат во своите домови и ќе мора да побараат привремено сместување.
Една од евакуираните станарки за медиумите изјави дека во нејзиниот стан не се активирале противпожарните аларми, што отвора дополнителни прашања за безбедноста на системите во комплексот. Очевидци опишуваат сцени на ужас: густ црн чад се издигал околу зградите, а од фасадите паѓале бамбусови скелиња — вообичаен градежен материјал во Хонг Конг, кои паѓале од височина од 10 до 20 ката, создавајќи дожд од искри.
Пожарот е класифициран како пожар од петта категорија, што е највисокото ниво на опасност во Хонг Конг, еден од најгусто населените градови во светот. И покрај овој трагичен инцидент, градот и понатаму важи за место со високи стандарди за безбедност на објектите, благодарение на квалитетната градба и строгите регулативи.




