Тринаесет години од смртта на првиот претседател Киро Глигоров: „Неговата посветеност кон демократијата и суверенитетот останува светла точка во нашата историја“

По референдумот одржан на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснија за независна и суверена држава, Глигоров на 25 јануари 1991 година беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија

На денешен ден пред 13 години почина првиот претседател на самостојна и независна Македонија, Киро Глигоров. 

Глигоров беше роден на 3 мај 1917 година во Штип и имаше активна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање.

По референдумот одржан на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснија за независна и суверена држава, Глигоров на 25 јануари 1991 година беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија.

На 7 март му го довери мандатот на Никола Кљусев за формирање на првата влада, а по донесувањето на Уставот, сите активности за меѓународното признавање на Македонија ги презеде Глигоров.

На 3 октомври 1995 година, врз него беше извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се врати на својата претседателска должност.

На 17 ноември 1999 година го заврши неговиот втор претседателски мандат на 82-годишна возраст. Почина на 1 јануари 2012 година на 94 години во својот дом во Скопје.

Добитник е на бројни меѓународни награди и признанија – ценет и вреднуван за својата работа од целиот свет. 

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Министерот Минчев нагласи дека делото на Киро Глигоров е трајно врежано во темелите на современата македонска држава и дека неговата визија продолжува да инспирира генерации.

„Киро Глигоров беше симбол на мудрост, достоинство и државничка одговорност. Неговата посветеност кон демократијата и суверенитетот останува светла точка во нашата историја“,

истакна тој.

И делегација на СДСМ, претставена од потпретседателката Каја Шукова, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и пратеникот Митко Трајчулески, денеска положи свежо цвеќе и оддаде почит на вечното почивалиште на Киро Глигоров.

„Денеска се сеќаваме на еден од најголемите државници во нашата историја, човекот кој со својата мудрост и визионерство постави темели на модерната македонска држава. Неговите вредности, историските одлуки и државничкиот пристап оставија трајни белези во нашето општество и се патоказ за нашата борба за напредок и просперитет. Киро Глигоров е симбол на дијалог, помирување и обединување. Во најтешките моменти за нашата држава, тој покажа лидерство и визија кои овозможија стабилност и напредок. Неговата верба во заедништвото, демократските вредности и европските перспективи остануваат наша инспирација за иднината“,

порачаа од СДСМ.

- Реклама -