На 16 декември, во 19:00 часот, во Прес-центарот во Шибеник, Хрватско-македонската тангента организира настан под наслов „Во потрага по пишаниот збор“. Во рамките на оваа трибина, ќе се одржи панел-дискусија на тема „Јазикот како идентитет: Мисирков и Гај“. За време на настанот, ќе се одржи и поетско читање на дела од познатите шибенички автори како што се Никола Урукало, Едита Влахов, Душка Крниќ, Динко Шкевин, Синиша Костелец и Златомир Вујко, чии творби неодамна се објавени во угледното списание за литература „Современи дијалози“ (Битола) и преведени на македонски. Преку Хрватско-македонската тангента, овие поети стекнаа признание во светската литература, што дополнително ја вреднува нивната креативност на меѓународната сцена. Главниот уредник на списанието е проф. д-р Данијела Андоновска-Трајковска, а преводот на песните на македонски јазик го изврши писателот Борче Панов.
Трибината ќе ја истражува важната улога на јазикот во формирањето на културниот и националниот идентитет, истакнувајќи ги делата на познатите лингвисти Крсте П. Мисирков и Људевит Гај. Модераторки на панелот ќе бидат Милена Георгиевска, педагог и новинар, и Едита Влахов, наставничка и поетеса. Тие ќе дискутираат за нивниот значаен придонес во развојот на македонскиот и хрватскиот јазик, како и за поширокото значење на јазичната политика во контекст на идентитетот и културното наследство.
И покрај различието во времето и политичките околности во кои делувале, и Мисирков и Гај оставиле силен белег во обликувањето на националните јазици на своите народи. Додека Гај работел на стандардизацијата на хрватскиот јазик во рамките на илирското движење, Мисирков отворил пат за кодификацијата на македонскиот јазик, дури и во услови на политички опструкции.
Покровител на настанот е Советот за национални малцинства на Република Хрватска. (М. Г.)




