Трговците предлагаат поевтинување на 100 до 200 производи, наместо ограничување на маржи

Од Министерството за економија и труд велат дека предлогот дополнително ќе се анализира и се очекува до понеделник да се изјаснат дали е прифатлив или не

Реално намалување на цените на 100 до 200 производи кои се најнеопходни за секојдневното живеење е предлогот што претставници на трговците и диструбутерите денеска го дале на средбата со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Предлогот од трговците и диструбутерите доаѓа откако Владата во вторникот го задолжи Министерството за економија и труд да подготви предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.

Од министерството, пак, велат дека предлогот дополнително ќе се анализира и се очекува до понеделник да се изјаснат дали е прифатлив или не. 

„Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела“,

велат од министерството.

Трговците и диструбутерите велат дека со првичната формула на Владата се опфатени над 1 000 производи и оти со тоа не можат да постигнат ефект да се спуштат што повеќе цени и да бидат што подостапни за граѓаните.

„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1 000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење за контрола на цени за да добиеме подобри цени од произведувачот и добавувачот. Тоа е многу напорно и не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик фактор дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е неодбележана цената“,

рече Даница Блажевска по средбата во Министерството за економија и труд.

Средба на претставници на трговците и диструбутерите со претставници на Министерството за економија и труд /
ФОТО: Министерството за економија и труд

Прашана дали може да се злоупотреби дополнителниот период што им е даден за спроведување на мерката за да се направи дополнително зголемување на цените, Блажевска рече дека маркетите постојано добиваат нови ценовници со зголемени цени.

„Заедно со произведувачите и добавувачите даваме напор да не се покачуваат цените за да може да се најде некое заедничко решение. Токму тоа е и предлогот на Владата да најдеме заедничко решение за што добивме разбирање од нивна страна“,

рече Блажевска и додаде дека очекува до понеделник да завршат анализите на Министерството.

По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија и труд да подготви предлог-одлука за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо кое треба да трае до 30 април.

Во предлог-одлуката за ограничувањето на маржата се опфатени истите 73 групи производи кои беа во претходните кошници, но треба да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.

Одлуката за ограничување на маржата е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажува дека кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери се утврдени повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.