На социјалните мрежи поразбрануваше видео од надзорни камери, во кое жител на Куманово сведочи за шокантен настан од пред два дена. Според неговото објавување, група улични кучиња навлегла во неговиот двор и го нападнала неговото домашно куче. На видеото се забележуваат неколку кучиња кои влегуваат во дворот и се упатуваат кон куќарката, каде што се наоѓало миленичето. Сопственикот истакнува дека кучињата го извлекле неговото куче од куќарката и го убиле.
„До кога ќе продолжи ова? Пет кучиња скитници влегоа во мојот двор, ми го извадиле кучето од куќарката и го удавиле“, напиша тој на социјалните мрежи.
Сепак, до сега нема официјална потврда за автентичноста на снимката, ниту за околностите на настанот од надлежните институции. Овој инцидент предизвика бројни реакции на платформите за социјално поврзување, при што граѓаните повторно го актуелизираа прашањето за проблемот со бездомните кучиња и безбедноста на домашните миленици, како и на самите жители.




