Премиерот Христијан Мицкоски ќе престојува во Вашингтон од утре до 22-ри месецов, каде ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција. Според информации од владини извори, се очекува тој да одржи и говор на настанот.
Владината портпаролка Марија Митева денеска потврди за патувањето на Мицкоски, но без да открие повеќе детали. На прашањето дали патувањето е финансирано од државни средства или од средствата на ВМРО-ДПМНЕ, Митева не даде конкретен одговор, наведувајќи дека премиерот е поканет како лидер на Владата.
„Како што забележавте, станува збор за конференција посветена на политичките активности на конзервативни партии, а премиерот присуствува поради официјална покана во својство на претседател на Владата,“ изјави Митева.
Мицкоски, за време на својот престој во Вашингтон, треба да оствари и билатерални средби, а како што најави портпаролката, јавноста ќе биде дополнително известена за деталите во наредните денови.
На официјалната страница на конференцијата може да се види листата на говорници, меѓу кои се вклучени американскиот дипломат Ричард Гренел, кој ја извршува функцијата специјален претставник на претседателот Доналд Трамп, лекарот и истражувач Роберт Малоун, кој стана контроверзен за време на пандемијата поради ставовите за вакцините, како и Стив Бенон, еден од поранешните најблиски советници на Трамп.
Меѓу најавените учесници се вбројуваат и словачкиот премиер Роберт Фицо, поранешната британска премиерка Лиз Трас, екс-премиерот на Полска Матеуш Моравјецки и лидерот на француската десница Џордан Бардела, кој е дел од тимот на Марин Ле Пен. На конференцијата ќе има обраќање и од познатата телевизиска водителка Мегин Кели.
Цените за учество на конференцијата варираат, при што младински билет чини 95 долари, стандарден билет е 195 долари, а луксузните пакети, како „платинест билет“, достигнуваат и неколку десетици илјади долари.
Ова ќе биде третото патување на Мицкоски во Вашингтон откако ја презеде премиерската функција. Првото беше во јули минатата година за време на НАТО-самитот, а второто се случи во јануари годинава кога присуствуваше на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.
Интересно беше и што на НАТО-самитот во јули минатата година,заедно со премиерот во Вашингтон допатува и неговиот син. Според одлуката на Државната комисија за спречување на корупција, синот на Мицкоски не бил дел од официјалната владина делегација и самиот си ги покрил трошоците за патувањето и престојот.
За време на последната посета, премиерот се сретна со неколку значајни личности, вклучувајќи го американскиот дипломат Ричард Гренел, советникот на Трамп Девин Нунес, македонско-американскиот бизнисмен Џон Битов, како и претприемачите Марко Галина и Крис Павловски, кој е сопственик на медиумската компанија „Рамбл“.
Мицкоски истакна дека на овие средби ги застапувал македонските интереси и побарал поголема поддршка од меѓународните партнери за напредокот на земјата кон членство во Европската Унија.
На инаугуративниот настан на Трамп, Мицкоски беше придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, како и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.




