„Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“. Под ова значајно мото, кое му припаѓа на Ацо Шопов, од 14 до 16 мај во Скопје Сити Мол ќе се одржи третото издание на Деновите на поезијата.
Соништата на нашите поети – оние присутни и оние кои не се меѓу нас – ќе бидат основа на програмата, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ продолжува да гради врски меѓу различни генерации.
Традиционално, манифестацијата ќе започне со одбележување на јубилеи на познати македонски поети: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916), Блаже Конески (1921), Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931), Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936), Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946).
Во текот на Деновите ќе бидат одбележани и родендените на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска. На поетската сцена ќе настапат и современи македонски поети: Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.
Манифестацијата освен што ги слави македонските поети, ја проширува и својата меѓународна димензија. Минатата година, публиката имаше можност да се запознае со грчкиот поет Сотирис Минас, а почит беше оддадена на сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (1906-2001). Оваа година, почесна гостинка ќе биде Дорис Карева од Естонија, едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.
Како и обично, новата поетска генерација ќе биде дел од агендата. Овојпат, во чест на Анте Поповски, ќе бидат поканети млади добитници на наградите кои го носат неговото име.
Оваа година се навршуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на Александар Џамбазов, кој заедно со Васил Пујовски ја иницираше оваа манифестација. Во сабота, 16 мај, поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов-Поезија“ и Скопје Сити Мол ќе се претвори во прекрасен поетски и музички простор, кој ќе го води Игор Џамбазов. Планирана е и интерактивна програма со учество на ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“.
Голем број деца од целата држава се очекуваат и на Државниот рецитаторски натпревар за ученици од основно и средно образование кој ќе се одржи во киното Синеплекс.
Таму ќе настапи и ПОЕТРОНИКА со концертот „Кон Ацо Шопов“ – современ музичко-поетски омаж на неговото творештво. За информации околу влезниците, посетителите можат да се обратат на Инфопултот во Скопје Сити Мол.
Публикацијата ќе биде активно вклучена во програмата преку интерактивни содржини за кои ќе бидат предвидени награди. Посетителите ќе можат да запишуваат свои стихови на „Ѕидот на поезијата“ и да учествуваат во наградната игра „Поетско тркало на среќата“.
Како новина, Деновите на поезијата годинава воведуваат Поетски саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите, а исто така ќе биде и платформа за промоција на современата поетска продукција.
За првпат, една македонска поетска манифестација стана дел од агендата на „Поетската пролет“ — француска иницијатива со растечка меѓународна важност, која ја претставува значајна платформа за светска поетска и културна размена.
Партнери на настанот се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, издавачките куќи „Литература.мк“, „ПНВ Публикации“ и „Чудна Шума“, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура бета“, како и киното Синеплекс.
Агендата е достапна на официјалните страници на манифестацијата.



