„Ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, често се расипува и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион, можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција-власт“, вели директорот на владината Служба за општи и заеднички работи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1


360°: Во повеќе јавни настапи зборувате за владиниот авион дека често има дефекти и дека неговото одржување чини многу. Дали во моментов владиниот „лирџет 60“ е во функција?
Томовски: Владиниот „лирџет“ е во функција. Моментално, ако не грешам, денеска треба да оди во Виена повторно на вонреден сервис. Неколку пати сум кажал во јавностa, имам чувство дека авионот, практично, како да се распаѓа, не дека не се одржувал во минатото, се одржувал редовно и минатата власт го одржувала редовно. Најверојатно е старост на авионот и не може да ги издржи годините.
360°: Тој не е многу стар, купен e 2005 г., во времето кога премиер е Владо Бучковски, по несреќата на претходниот авион кога, за жал, загина претседателот Борис Трајковски. Тогаш е платен некаде околу 11 милиони евра. Дваесет години, за редовно одржуван авион, не би требало да е голема старост?
Томовски: Апсолутно се согласувам, обично викаат авионите немаат старост кога се одржуваат редовно, но еве многу често ни се случуваат дефекти. Како што кажав, сега ќе оди на вонреден сервис во Виена, бидејќи од резервоарите протекува гориво, тоа е навистина сериозен проблем. Па, имавме дефект со некои мерни инструменти коишто мерат издувност на гасови, дефект поради којшто компанијата што ни го сервисира не дозволува летање, па претседателот на Собрание беше принуден да се враќа во Македонија со редовни летови и други проблеми коишто произлегуваат од ова одржување.
360°: Имало ли инцидент за којшто сте свесен откако сте директор на СОЗР?
Томовски: Нема таков инцидент.
360°: Имате ли чувство дека некој од државните функционери што треба да го користат, имаат задршка кога треба да влезат во владинот авион?
Томовски: Па, не сум го почувствувал тоа, но кога разумно гледам, бидејќи не го бараат често, можеби една од причините е тоа.
360°: Уште 2019 г. имаше муабети за тоа дека на државата ѝ треба нов авион, тоа е време кога премиер е Зоран Заев, но ништо од тоа не се случи. Дали вие сега сте со со таква намера, бидејќи некако темата ја држите јавно, зборувате дека често се расипува авионот, дека чини многу неговото одржување, како да сугерирате дека треба да се размислува за некакво ново решение?
Томовски: Ако мене ме прашате, искрено, ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, честите расипувања, и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион, можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција-власт и треба да се разговара. Ние како СОЗР ги одржуваме, ги опслужуваме и бившите претседатели на Република Македонија, сум разговарал со поголем дел од нив и тие се сложни и спремни да излегуваат во јавност, да кажат колку е сериозно тоа да имате сериозно летало, да имате безбедно летало. Сепак, тоа летало го користат ВИП-личности од државата, луѓе коишто ја водат државата. Сум разговарал и со бившите директори на Службата за општи и заеднички работи и кај нив има заинтересираност и отвореност да подискутираат во тој дел и општо со сите оние личности коишто се занимаваат со воздухоплови и летање е истото мислење дека државата треба да набави нов авион.


360°: Нов, поголем авион, претпоставувам?
Томовски: Нов поголем, којшто би имал најмалку 14 седишта за да може да собере поголема делегација, па дури и вие како медиуми да може да патувате заедно со тоа летало кога некогаш се оди на некој посериозен настан надвор од државата.
360°: Имате ли проценки, имате ли направено првично истражување на пазарот колку ќе чини такво летало?
Томовски: Во рамките на Службата сме правеле анализи. Реално, доколку набавувате нов авион, тие чинат од 30-40 милиони евра, па нагоре. Но, кога би разгледувале опција за половен а соодветен авион, можеби може да се најде некаде до петнаесет милиони евра.
360°: Вие сте за нов или за половен?
Томовски: Искрено, за половен, но тоа треба да го кажат стручни лица, оние коишто се пилоти, авиомеханичари и стручни лица во делот на воздухопловство.
360°: Половен што значи, колку стар да речеме?
Томовски: Две до три години, видете, староста на авионот не се мери колку е тој стар во години, туку колку часови има летано, колку има искористеност, не е секогаш битна староста на авионот.
360°: Според сумите што ги кажувате, веројатно многу брзо по купувањето на нов авион му паѓаат цената.
Томовски: И јас сум го прашувал тоа зошто, никој не знае да ми одговори за причината.
360°: И планирате ли да да отворите и формално процедура за набавка на нов авион?
Томовски: Планирам прво ова да го продискутираме со јавноста, да го видиме мислењето од јавноста, да го продискутираме ова со опозицијата, па дури сум размислувал да се донесе некаков став, да се изгласа некако во Собрание. Кој било да го спроведува тендерот, да биде транспарентен и јавен, но да, планирам да ја продолжам оваа постапка независно дали ќе трае година-две, искрено би сакал да оставам еден белег дека треба да бидеме сериозна држава, како што треба да имаме соодветно летало, така треба да имаме соодветен возен парк и соодветен државен имот.