Трамп упати директен ултиматум: „Хамас ќе види што мислам“

Прекинот на огнот во Појасот Газа е разнишан: терористичката организација Хамас го запре привремено ослободувањето на заложниците. Американскиот претседател му постави ултиматум на Хамас и се закани со „пекол“.

Откако терористичкиот Хамас го прекина ослободувањето на израелските заложници, американскиот претседател Доналд Трамп им постави ултиматум на исламистите. Тој се заложи за прекин на примирјето меѓу Израел и палестинската терористичка организација доколку сите преостанати заложници не бидат ослободени до сабота во 12 часот. Во спротивно, „ќе настане пекол“, се закани Трамп во Вашингтон. Тој, исто така, им се закани на Јордан и Египет, два важни сојузници на САД на Блискиот Исток, со финансиски последици доколку се спротивстават на неговите планови за Газа.

Хамас го одложи следното ослободување на израелски заложници, закажано за следната сабота (15.02), на неодредено време. Портпаролот на Хамас, Абу Обеида, рече дека Израел не се придржува до договорот за прекин на огнот. И онака кревкото примирје во Појасот Газа сега се чини дека е во уште поголема опасност. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац ги стави во состојба на висока готовност трупите кои сè уште се стационирани во Појасот Газа.

Трамп: „Хамас ќе види што мислам“
Трамп не даде детали за тоа од какви конкретни последици ќе мора да се плаши Хамас. „Хамас ќе види што мислам“, одговори тој на прашањето на новинарите во Белата куќа. „Тоа се болни луѓе“, рече Трамп. Но, одлуката, според американскиот претседател, на крајот е во раце на Израел. „Јас зборувам само за себе“, изјави републиканецот, додавајќи дека Израел може да го игнорира ова.

Трамп нагласи дека не верува оти исламистите ќе го исполнат барањето, дотолку повеќе што не се знае колку од луѓето што ги држат во заробеништво се сè уште живи. „Мислам дека многу од заложниците се мртви“, рече Трамп. Тоа е „голема човечка трагедија“. Американскиот претседател рече и дека неодамна ослободените заложници поради нивната лоша состојба го потсетувале на преживеаните од Холокаустот.

ИЗВОР