Трамп: Русија преговара со освоена територија како предност

Трамп: Русија преговара со освоена територија како предност

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија има „предност“ во евентуалните мировни преговори за Украина, бидејќи контролира значителен дел од територијата.

Во интервју за Би-Би-Си, Трамп истакна дека мисли дека Москва сака да стави крај на конфликтот, кој трае речиси три години од почетокот на инвазијата.

– Моето мислење е дека Русите навистина сакаат крај на војната. Моментално имаат предност,бидејќи зазедоа голем дел од украинската територија,што значи дека тие диктираат услови – изјави Трамп додека патуваше кон Вашингтон од инвестицискиот самит во Флорида,преку претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.

Покрај тоа, Трамп го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“, откако Зеленски тврдеше дека Трамп е изложен на руска пропаганда.

– Тој одбива да организира избори. Популарноста му е ниска, а како би можел некој да има висок рејтинг кога неговите градови се во урнатини? – коментираше Трамп.

Мандатот на Зеленски е продолжен поради воената состојба воведена како одговор на руската инвазија во февруари 2022 година, што доведе до суспендирање на изборниот процес.

Изјавите на Трамп наидоа на остра осуда од европските лидери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој ги нарече „ризични“ и „погрешни“.

Оваа недела, американски и руски претставници одржаа први директни разговори од почетокот на војната, но Украина не беше вклучена во тие дискусии. Трамп ја обвини Украина за продолжување на конфликтот, наведувајќи дека таа требало да постигне договор и да избегне војна.

Во својот одговор, Зеленски жестоко реагираше, обвинувајќи ја Русија за манипулации. – Со должно почитување кон господинот Трамп… Тој е под влијание на дезинформации – изјави украинскиот лидер.