Трамп: Путин сака да се сретнеме, се договара состанок

По изјавата на Трамп, Кремљ денеска соопшти дека претседателот на Русија Владимир Путин е отворен за разговори со него без предуслови

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп информира дека се договара средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.

„Тој сака да се сретнеме, а ние го договараме тоа. Тој дури и јавно го кажа тоа и мораме да ставиме крај на оваа војна“,

рече Трамп пред средбата со републиканските гувернери во Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.

Тој не понуди временска рамка кога треба да се одржи таа средба.

По изјавата на Трамп, Кремљ денеска соопшти дека претседателот на Русија, Владимир Путин, е отворен за разговори со него без предуслови.

„Претседателот постојано ја истакнува својата отвореност за контакти со меѓународните лидери, вклучително и американскиот претседател, вклучително и Доналд Трамп“,

изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека Кремљ ја поздравува подготвеноста на Трамп да ги решава проблемите преку дијалог.

Враќањето на Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги зголеми надежите за дипломатско решение за ставање крај на инвазијата на Москва на Украина која започна во февруари 2022 година, но исто така поттикна стравувања во Киев дека брзиот мировен договор може да има висока цена за Украина, анализира Ројтерс.

Имено, некои од советниците на Трамп изнесоа одредени предлози за прекин на војната со кои во догледна иднина практично би ѝ се отстапиле на Русија големи делови од земјата.

Од почетокот на руската инвазија, САД, за време на мандатот на претседателот Џо Бајден, ѝ обезбедија на Украина воена и безбедносна помош вредна повеќе од 175 милијарди долари. Сепак, неизвесно е дали помошта ќе продолжи со тоа темпо за време на претседателствувањето на Трамп, кој рече дека сака брзо да ја заврши војната.

- Реклама -