Трамп и Зеленски остварија „особено значаен и клучен“ телефонски разговор

Претседателите на Сјединетите Држави и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, денеска остварија телефонски разговор. Оваа комуникација дојде по вчерашниот разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, кој изјави дека Москва ќе продолжи со воената агресија против Украина, без оглед на повиците од Западот за прекин на огнот.

Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, го потврди разговорот и го оцени како „многу важен и неопходен“. Тој најави дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали.

Според информации од „Аксиос“, телефонскиот разговор траел околу 40 минути и бил фокусиран на ескалацијата на руските напади и поддршката од Сједињените Држави за украинската противвоздушна одбрана.

Овој повик следел по претходниот разговор помеѓу Трамп и Путин, кој Трамп го оцени како „многу разочарувачки“. Тој изјави пред новинарите дека не смета дека Путин е подготвен да го запре насилството и дека не видел никаков напредок.

Неколку часа по тој разговор, Русија реализирала најголема офанзива со дронови против Киев од почетокот на војната, при што едно лице загинало, а 23 биле повредени. Тимур Ткаченко, шеф на воената администрација на Киев, ја опиша ноќта како „една од најстрашните досега“, нагласувајќи дека десетици балистички ракети и дронови паѓале врз главниот град.

Зеленски ја осуди офанзивата како „намерно масивна и цинична“, повторувајќи дека Русија нема да го промени своето „глупаво и деструктивно однесување“ без засилен притисок од Сјединетите Држави и сојузниците.

Во исто време, Пентагон привремено ја запре испораката на клучни вооружувања за Украина, вклучувајќи ракети „Патриот“ и прецизно насочени артилериски гранати, што според Киев, сериозно ја поткопува неговата способност за одбрана.

Германија, пак, објави дека е во преговори за набавка на системи за противвоздушна одбрана за Украина, со цел да се надомести празнината. Според германскиот магазин „Шпигел“, Трамп вчера разговарал со германскиот канцелар Фридрих Мерц за актуелната ситуација во Украина и трговски прашања.

И покрај повиците од Сјединетите Држави, ЕУ и Киев за безусловен прекин на огнот, Кремљ преку советникот Јуриј Ушаков изјави дека Трамп и Путин „биле на иста бранова должина“. Сепак, Трамп тоа категорично го негираше, нагласувајќи дека не постигнал никаков напредок со Путин.

И покрај растечката фрустрација, администрацијата на Трамп досега не воведе нови санкции против Русија, ниту одобри нова воена помош за Украина откако тој ја презеде функцијата во јануари.

Во меѓувреме, Русија и Украина продолжија со директни разговори во Истанбул, но двете рунди преговори – на 16 мај и 2 јуни – резултираа само со размена на заробеници, без значителен напредок кон прекин на огнот.