Американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин сака да разговара за крај на руската војна против Украина. Состанокот веројатно ќе се одржи во Саудиска Арабија, изјави Трамп во Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп телефонирал со првиот човек во Кремљ, Владимир Путин, и договори неодложни преговори за ставање крај на агресорската војна на Русија против Украина. Ова го соопшти по разговорот самиот Трамп а потврда стаса и од Кремљ. Двајцата претседатели според наводите се договориле за тесна соработка и средба во скоро време. Трамп потоа разговарал и со украинскиот претседател Зеленски. Истовремено владата на Трамп за прв пат јавно излезе со замислите за договорот за завршување на војната – во неколку точки јасно во прилог на Москва. Украина треба да се откаже од стремежите да стане членка на НАТО, а американски војници не треба да бидат дел од можни мировни сили.
Трамп сака да се доближи до Путин
Трамп соопшти дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со Путин. „Се договоривме многу тесно да соработуваме и да ги посетиме обострано двете нации“, се вели во објавата на Трамп, според кого веднаш треба да започнат преговори за крај на војната во Украина. Вреди да се спомене дека Трамп дури по разговорот со Путин се јавил и кај Володимир Зеленски. Американскиот претседател нагласува дека и Путин и Зеленски сакаат мир. Во петок, на маргините на безбедносната конференција во Минхен планирана е средба меѓу Зеленски и потпретседателот на Трамп Џеј Ди Венс. „Се надевам дека резултатот од овој состанок ќе биде позитивен“, пишува американскиот претседател.
Во однос на Владимир Путин, кој по нападот врз Украина на некој начин е „анатемисан“ од Западот, Републиканецот речиси зборува со одушевување. Двајцата разговарале за големата историја на двете нации, силните страни на нивните држави и „големите
придобивки што еден ден ќе ги извлечеме од нашата соработка“. Двајцата цврсто веруваат во „здравиот човечки разум“. На Трамп уште за време на првото владеење (2017 до 2021 година) му се префрлаше блискост со Путин.
Од Кремљ соопштуваат дека Путин изразил подготвеност да прими претставници на Белата куќа во Русија – исто така и за решавање на украинскиот конфликт, изјави портпаролот на Кремљ, Димитри Песков. „Путин и Трамп се договорија да продолжат со личните контакти, вклучително и организирање на лична средба“, рече Песков и додаде дека Путин го поканил Трамп во Москва. Но, во телефонскиот разговор тој навел дека Русија се стреми кон елиминирање на причината за конфликтот. Според Москва, војната на Русија е предизвикана преку аспирациите на Украина да се приклучи на НАТО и наводното угнетување на малцинството во Украина кое зборува на руски јазик.
Повеќе ТУКА