Одлуката на американскиот претседател разговорите за Украина да се одржат токму во Саудиска Арабија уште еднаш ја нагласува променетата дипломатска позиција на оваа земја. Од изолирана држава поради убиството на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година, Саудиска Арабија денес се враќа на меѓународната сцена како важен посредник.
Еден од клучните аспекти на оваа иницијатива е поврзаноста со обидите на Трамп да го оживее процесот започнат за време на неговото претходно владеење. Станува збор за мировниот договор и приближување меѓу Саудиска Арабија и Израел, познат како Абрахамски договор. Со тоа, САД настојуваат да решат два крупни дипломатски предизвици истовремено.
Американскиот државен секретар го започна состанокот во Ријад со престолонаследникот Мохамед бин Салман, при што учество во разговорите најавија и претставници од Русија, вклучително и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на рускиот претседател.
За Саудиска Арабија, овие разговори претставуваат можност да ја намали загриженоста на меѓународната заедница во однос на човековите права во земјата. Со години наназад,кралството вложуваше во зајакнување на своите односи со САД,но и со нивните ривали,како Русија и Кина.
Во меѓувреме, ситуацијата во Газа дополнително ги комплицира регионалните односи. Саудијците недвосмислено го отфрлија планот на Трамп за Газа, според кој палестинското население би било преселено, а територијата би се претворила во туристичка зона. Наместо тоа, Саудиска Арабија поддржува решение што ќе овозможи жителите да останат во Појасот Газа.
Овој став директно се коси со визијата на администрацијата на Трамп, што може да стане значајна тема во идните дипломатски преговори меѓу Вашингтон и Ријад. Тоа дополнително го потврдува стремежот на Саудиска Арабија да не остане само пасивен посматрач, туку да се позиционира како значаен фактор во глобалните политички односи.
Истовремено, Египет работи на алтернативен план кој би спречил Хамас да има улога во идното управување со Газа. Според овој предлог, Газа би била реконструирана без учество на милитантната група, но притоа би се задржало палестинското население.
На ова реагираше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој категорично ги демантираше извештаите дека Хамас ја предал контролата на палестинската самоуправа. Тој повтори дека во постконфликтната Газа, ниту Хамас, ниту актуелната палестинска администрација нема да добијат можност за управување.




