Трагедија во Загреб: Напад во основно училиште со фатални последици

Седумгодишно дете го загуби животот, а неколку други лица, меѓу кои и деца, се повредени во напад во основното училиште „Пречко“ во Загреб, соопштија властите.

Нападот се случил утрово околу 9:50 часот, кога 19-годишен хрватски државјанин со остар предмет нападнал наставник и ученици. Според информациите од полицијата, меѓу седумте повредени, пет се деца, а двајца се возрасни. Сите повредени се префрлени во болници во Загреб.

Министерката за здравство на Хрватска, Ирена Хрстиќ, го потврди трагичниот губиток на седумгодишното дете. Локалните медиуми известуваат дека наставникот е во критична состојба.

Напаѓачот е приведен и се наоѓа под полициски надзор. Во меѓувреме, учениците се евакуирани од училиштето, а полицијата и итната помош остануваат на терен.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изрази шок и жалење за трагедијата што ја потресе земјата.

„Целата хрватска јавност е згрозена од оваа трагедија. На учениците кои се повредени им е пружена медицинска помош во загребските болници. Изразуваме длабоко сочувство и поддршка до семејствата на настраданите,“ изјави Пленковиќ.