Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето гостување на Македонската национална телевизија, ја најави реализацијата на проектот „Безбеден град“. Тој ја информираше јавноста за функционирањето на системот и за постапките кои треба да ги следат граѓаните во случај на несогласувања во податоците.
Тошковски објасни дека некои податоци за сопствениците на возила во постојните бази на податоци можеби не се во ред, што може да биде последица на претходно доставени погрешни информации или на грешки во внесот. Поради тоа, е можно некои граѓани да примат известувања или записници кои не се однесуваат на нив, или пак, за прекршоци што тие не ги направиле.
„Секој граѓанин кој забележи несогласување во податоците може да се обрати во било која полициска станица и да пријави грешка – било да се работи за погрешно возило, неуправувано возило од него или некоја друга неточност. Според законски утврдена процедура, Министерството за внатрешни работи ќе изврши проверка и корекција на податоците во рок од 24 часа. Граѓанинот ќе добие известување дека нема да биде прекршочно гонет, ако не е виновен“, акцентираше министерот.
Тошковски истакна и дека во новиот систем е воведен дополнителен механизм за заштита на личните податоци. По добивањето на СМС-известување за прекршок, граѓанинот ќе треба преку линк да пристапи до записникот, со што ќе треба да внесе својот матичен број за автентикација. Оваа мерка има за цел да спречи доставување на лични информации до погрешни лица.
Министерот подвлече дека, и покрај напредната технологија, можат да настанат технички грешки поради надворешни фактори, како што се светлината и временските услови, кои влијаат на читањето на регистарските таблички. Во такви случаи, граѓаните ќе можат да побараат исправка, која ќе биде реализирана во најкраток можен рок.
„Не постои совршен систем и не тврдам дека грешки ќе недостасуваат. Тие ќе се случуваат, но ние ќе ги коригираме. Овој систем е значително подобар од претходните и неговата основна цел е да спасува животи и да обезбеди поголема безбедност во сообраќајот. Важно е оној што го сторил прекршокот да сноси одговорност“, истакна Тошковски.
Проектот „Безбеден град“ е дел од пошироките напори на Министерството за внатрешни работи за дигитализација, зголемување на транспарентноста и унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.




