Тошковски најави намалување на раководството во Министерството за внатрешни работи за речиси 40 отсто, функциите ќе се базираат на стручни критериуми.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави нова систематизација во рамките на своето министерство, која ќе доведе до намалување на бројот на раководни позиции за приближно 37-38%. Според новите правила, функциите ќе се определуваат врз основа на одговорности и професионални критериуми, а не на етничка припадност. Тошковски нагласи дека сите кандидати кои ги исполнуваат условите за образование, искуство и вештини ќе имаат можност да аплицираат за позициите во раководната структура.

„Клучната измена во новата систематизација е намалувањето на бројот на началници, заменици и помошници. Оваа бројка, која во минатото беше значително поголема, сега се намалува за над 30%. Тоа значи дека повеќе нема да имаме безброј функции само заради формалност, туку ќе се фокусираме на конкретни обврски и одговорности што произлегуваат од законите и стандардните оперативни процедури. Полициските службеници, особено началниците, ќе бидат одговорни за своите активности.“

Тошковски увери дека секој кој поседува соодветно образование и искуство, без оглед на етничката припадност, ќе може да биде дел од новата раководна структура. Тој изрази уверување дека во министерството ќе има професионалци од различни етнички заедници, вклучувајќи Македонци, Албанци, Турци, Роми и Бошњаци, кои ги исполнуваат потребните професионални стандарди.