Тошковски: Министерството за внатрешни работи има посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска реализираше работна посета на Полициското одделение во Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор во Жировница. За време на посетата, тој се информираше за тековните активности, условите за работа и предизвиците со кои се соочуваат полициските службеници на терен.

„Во Полициското одделение во Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона. Целта е да се овозможи подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир“, истакна министерот Тошковски.

При посетата на Полициското одделение Ростуше, разгледана е можноста за обука на полициските службеници што ќе им овозможи да вршат увиди на сообраќајни незгоди. Оваа иницијатива ќе доведе до побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место, што ќе придонесе за намалување на времето на чекање и избегнување подолготрајни блокади во сообраќајот. Досега овие увиди ги спроведуваа екипи од Гостивар.

Во Полициската станица за граничен надзор во Жировница, отворено е и прашањето за можноста дел од просторот на станицата да биде отстапен на општината, со цел да се обезбеди паркинг за жителите. Ова решение се смета за практично и рационално во интерес на локалната заедница.