Во земјите од регионот денес се очекува многу топло време.
Во Република Српска и некои делови од Хрватска е активиран црвен метео-аларм, додека во Федерацијата БиХ е во сила портокалов аларм. Температурите можат да достигнат и до 40 степени Целзиусови.
Српскиот републички хидрометеоролошки завод (РХМЗ) информираше дека во првата недела од јули, Србија ќе се соочи со интензивирање на топлотниот бран, со максимални температури во многу места од 34 до 38 степени Целзиусови. Утре и во недела, како и на почетокот на наредната недела, температурите може да достигнат до 40 степени Целзиусови. Црвениот метео-аларм, што укажува на многу опасни услови, е активен во Поморавје, источна и југоисточна Србија. Во преосталите региони, во сила е портокалов метео-аларм, што означува опасни временски услови.
По овој топлотен бран, во некои области се очекува да дојде до постепено развивање на облачноста, со краткотрајни локални врнежи за време на викендот и незначителен пад на температурата.
Експертите советуваат да се избегнува излегување од дома, особено во најтоплите часови од денот, од 10 до 17 часот. За оние што планираат да патуваат, најдобро е да го стори тоа во раните утрински или вечерни часови. Истовремено, сите се поттикнуваат на зголемена хидратација, најдобро со вода.




