Прашан дали ќе бидат земени предвид критиките и забелешките од еснафската фела, како и „потсетувањата“ што стигнаа од дел од странските амбасади за квалитетот на предложените кадри, премиерот денеска изјави дека нема да коментира изјави кои не се во насока на подобрување на процесот
Изборот не членови на Советот на ААВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции, се врши врз основа на законски одредби и секој оној што ги исполнува тие одредби, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши.


Вака во еден дел гласи релативно кусиот одговор на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска на прес-конференција, меѓу другото, беше прашан и за изборот на нови членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).
Конкретно премиерот беше прашан дали ќе бидат земени предвид критиките и забелешките од еснафската фела, како и „потсетувањата“ кои стигнаа од дел од странските амбасади за квалитетот на предложените кадри, како основа за повлекување на предлозите или, сепак, тие утре ќе поминат на собранискиот пленум.
Мицкоски, во одговорот рече дека нема да коментира изјави кои не се во насока на подобрување на процесот на избор на членови на Советот на ААВМУ, повторувајќи дека секој што ги исполнува законските услови може да биде избран.
„На основа на чувство и би рекол на изјави коишто не водат во насока на подобрување на тој процес јас нема да давам било какви коментари, но секој којшто ги исполнува законските критериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја позиција на којашто ќе биде предложен. Тој којшто не ги исполнува нема да биде предложен. Многу е едноставно“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција по потпишувањето на сепаратните договори меѓу АД „Електрани на Северна Македонија“ и банкарска група KfW (германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија).


Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на 29 јануари ја утврди листата од седуммина кандидати за членови на Советот на ААВМУ, која утре ќе се најде на пленарна седница во Законодавниот дом.
На листата се најдоа Виктор Павловски, дипломиран инженер по производна информатика од Скопје; Сашо Стефановски, дипломиран по филмска уметност и ТВ-снимател од Скопје; Петар Џуровски, дипломиран филмски и ТВ-монтажер од Скопје, Цветанка Миновска; дипломиран новинар од Скопје; Афрона Верзиволи, дипломиран економист од Скопје; Нафије Селмани, дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје; и Гордана Мајнова, дипломиран економист и магистер по комуникологија.
Тројца од кандидатите (Павловски, Стефановски и Џуровски) дојдоа на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, коалицискиот партнер „Вреди“ ги предложи Верзиволи и Селмани, ЗНАМ која, исто така, е дел од владината коалиција излезе со Цветанка Миновска, а опозициската СДСМ со Гордана Мајнова.
Вака составена листа, која на собраниската Комисија помина со 10 гласа „за“, веднаш наиде на забелешки и критики од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од експертската јавноста, од каде наведоа дека избраните кандидати не се најдобрите, па дури и дека некои не ги исполнуваат условите и дека се избрани по договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, ЗНАМ и СДСМ.
Критиките на ЗНМ беа сериозно сфатени и од меѓународната заедница, па, така од Амбасадата на Германија, земја која штотуку заврши твининг-проект со Агенцијата за медиуми, за „360 степени изјавија – политички независни, слободни и висококвалитетни медиуми се столбот на една силна демократија, а професионалниот надзор на медиумите, според стандардите на ЕУ, има централна улога во тоа.
„Политичките партии во земјава со право секогаш одново го нагласуваат значењето на назначувањата според компетенциите. Ваквата заложба е тогаш веродостојна, кога е постојана водилка во сите постапки за именување“,
се вели во одговорот од Амбасадата на Германија.
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје, пак, велат дека одблизу ја следат работата на Комисијата за избори и именувања во врска со изборот на кандидати за Советот на ААВМУ.
„(Советот е н.з.) тело на кое е доверена значајна моќ да го надгледува управувањето и работењето на Агенцијата и да обезбеди заштита и развој на плурализмот во медиумските услуги во земјата. Потенцираме дека е важно кандидатите да се изберат и предложат за избор во согласност со критериумите кои ги пропишува Законот за ААВМУ и, особено, дека ги имаат потребните компетенции и искуство за да ја извршуваат функцијата“,
одговорија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Агенцијата за медиуми е регулаторно тело за телевизиите и радијата, а Советот на Агенцијата, меѓу другото, решава за доделување и одземање на дозволите за телевизиско и радио емитување, одобрува промена во сопственичката структура на медиумите, решава за постоење недозволена медиумска концентрација и ги избира директорот и заменик-директорот на Агенцијата.
Мандатот на членовите на претходниот состав на Советот на ААВМУ е одамна истечен, поради што Собранието започна процес за избор на нови.
На власта ќе ѝ треба СДСМ, бидејќи за избор е потребно двотретинско мнозинство. А ќе им треба и барем некој од „Европскиот фронт“ на ДУИ за да се стигне до Бадентерово мнозинство.