Министерот за здравство, Азир Алиу, соопшти дека од денеска на терен започнуваат контролите на лиценците за производство на канабис за медицински цели. Тој истакна дека инспекциските екипи веќе се на терен за време на прес-конференцијата.
„Ќе се проверуваат вкупно 43 лиценци, издадени за оваа намена“, изјави Алиу, додавајќи дека постојат две различни комисии за надзор во овој сектор. Едната се фокусира на административните процедури во рамките на Министерството за здравство, додека другата е формирана како меѓуресорска комисија согласно законската рамка на Владата, со цел анализа на политики поврзани со производството на канабис.
Алиу посочи дека постојат два правилника – стар и нов – кои моментално се анализираат од страна на експерти и професори. Според него, извештајот од оваа анализа ќе биде основа за идни одлуки, а доколку е потребно, ќе бидат покренати и соодветни постапки.
Министерот нагласи дека секоја компанија има обврска да испраќа фотографии и детали за количината и квалитетот на произведениот канабис до комисијата за која е задолжено Министерството. Во моментов, формирана е комисија од пет члена, која има рок од 45 дена да изготви извештај за сите 43 лиценци.
Тој истакна и дека се соочуваат со одредени предизвици во примена на законот, меѓу кои и недостатокот на службени возила, што дополнително ја отежнува контрола и надзор на терен.




