Throttle/Brake – епизода 76: Семоќниот Raptor и Ferrari 488 Pista

Сигурно сте се запрашале кој е најдобриот теренец во светот? Британците би рекле Range Rover, Јапонците и заливските земји во еден глас би извикале Toyota Land Cruser, но точниот одговор на ова прашање го имаат американците, односно Ford. F-150 Raptor е Monster Truck за секој ден. Супер камионет. На нерамнините е како камионетите од BAJA 1000 (офф-роуд натпреварување низ Калифорнија), а по улиците ве прави да се чувствувате како рок ѕвезда и да возите како да сте дел од некој филмски грабеж.

Еден од учесниците во BAJA 1000.

F-150 Raptor е базиран на докажаниот F-150, а инспирацијата за “тркачки” камионет, доаѓа токму од камионетите кои се натпреваруваат во BAJA 1000. Тој е поширок, побрз, помоќен и многу подобро се снаоѓа на терен од стандардниот F-150. Првата генерација на Raptor, беше придвижувана од 6.2 литарски V8, кој беше навистина мускулест, но и имаше особини на дупка без дно. Во Ford дувнаа нови ветрови, и се појави супер спортскиот GT. На големо изненадување, во него беше вграден 3.5 литарски, твин турбо V6 Ecoboost. Верувале или не, втората генерација на Raptor под хаубата го има истиот 3.5 литарски V6, твин турбо Ecoboost, но со 450 коњски сили и 690 Nm, на кого е монтиран десет степен автоматски менувач. Исход? Помала маса, значително помала потрошувачка и подобри перформанси. Кога ги спомнав перформансите, Raptor до стотка забрзува за помалку од 6 секунди. Ако бројките не ви значат ништо, забрзувањето на теренецот е идентично со она на Subaru Impreza WRX. Неверојатен резултат за робусен камионет чија маса изнесува 2600 килограми. Забрзувањето не е тоа што го прави Raptor супериорен. Неговата супериорност е совладување на нерамните и деликатни терени. На моја голема среќа, имав прилика да ги возам и двете генерации на Raptor. Првата генерација е брутален камионет со голем V8 под хаубата, што прави голема врева дури и кога го возите “домаќински”. Новиот Raptor е софистициран, брз, убав, со внатрешност на високо ниво и уште подобри оф-роуд способности. Со еден збор, втората генерација на Raptor е “bonkers” (сленг за нешто откачено, лудо во позитивна смисла). Модификациите се безбројни, односно по ваша желба можете да го претворите вашиот Raptor во легален BAJA 1000 или во Армагедон возило. Ајде да зборуваме за оф-роуд. Бидејќи живеам во пустина, Raptor ќе го споредам со некрунисаниот крал на дините, Toyota Land Cruiser. Да бидам искрен, дури и со модифицирана оф-роуд суспензија, Land Cruiser едноставно нема шанси. Единствен достоен противник на F-150 Raptor е Mercedes-Benz G500 4×4 на квадрат, но чини шест пати повеќе. Иако овој супер камионет не е најдоброто решение за патиштата и градовите во Европа, за 60 илјади евра нема да најдете подобро возило, со кое што можете да правите што ќе посакате и да одите насекаде. Ако не верувате, погледнете ја епизодата SUV на The Grand Tour, каде што Џереми Кларксон ни приреди вистинско оф-роди шоу. Знам дека F-150 Raptor е преголем и не е економичен, ама ако оф-роудот ви е во крвта, не очајувајте. Ford секогаш мисли на своите “truck” момци и девојки каде и да се. За Вас специјално, Ford Ranger Raptor со 2.2 литарски дизел мотор и 210 коњски сили. Stay tuned.

Ford Ranger Raptor 2019.

 

Внатрешноста на Ford F-150 Raptor.
F-150 Raptor со двојна кабина во пустинска акција.

 

Ferrari 488 Pista

Долгоочекуваниот турбо адут на таборот од Маранело е конечно тука и рака на срце, изгледа феноменално. Сите се надевавме дека тркачки ориентираната верзија на 488 GTB, ќе ја носи легендарната ознака “GTO”, но Ferrari во меѓувреме го промениле кумот, па се вика 488 Pista. Писта на италијански значи тркачка патека. Држи вода…

Pista е четвртиот во низата “талентирани” супер автомобили на Ferrari, по 360 Stradale, 430 Scuderia и 458 Speciale. Дури и да заборавив кога последен пат следбениците на Енцо направиле темпераментен супер автомобил. 488 Pista е првиот од овие специјални автомобили, кој ќе биде турбо. Од Ferrari велат дека Pista е голем чекор напред во однос на технологијата, која е позајмена од тркачките дивизии на Маранело. Секој кој имал прилика да вози било кој од трите специјални на Ferrari, знае дека брзината е само еден дел од приказната. Без многу врева и интеракција овие автомобили се ништо.

Кога сме кај бучавата, сосема нов издувен систем направен од Инконел е вграден во Pista. Тоа е оној истиот материјал од кој е направен издувниот систем на екстремно гласниот Jaguar F-Type SVR. Значи за вревата не треба ич да му ја мислиме.
За интеракцијата, Ferrari позајмува аеро решенија од тркачката дивизија, односно од 488 GTE. Предниот и задниот дифузер кои се под наем, генерираат 20 проценти повеќе даунфорс, па затоа нема потреба за огромно задно крило како кај GT2 RS.

Под хаубата е истиот 3.9 литарски твин турбо V8, кој е засилен од 661 на 711 коњски сили, односно 50 повеќе во сила и 90 помалку во маса. Pista ќе тежи “само” 1280 килограми пред да се наполни со сите течности. Ќе забрзува до стотка за 2,85 секунди, а ќе развива максимални 340 километри на час. Ова е територијата на McLaren 720S и Porsche 911 GT2 RS. Дали Pista ќе има шанса да се докаже против неверојатно брзиот McLaren и најбрзиот автомобил на Нордшлаифе? McLaren 720S е повеќе GT супер автомобил, што значи дека во свиоците би требало да биде побавен од тркачки фокусираниот Pista. На правец, 488 Pista нема да добие ниту една шанса. Porsche 911 GT2 RS е моментално најбрзиот автомобил на патеката Нурбургринг Нордшлаифе, или најбрзиот автомобил во светот. Непишаното, но општо прифатено правило е дека владетелот на Нурбургринг, владее и со светот. Мое лично мислење е дека Pista нема шанси. По Нурбургринг, видовме како GT2 RS развива 356 километри на час на автопат во Германија. Се сеќавам и кога претходникот на Pista, 458 Speciale беше надвозен од Porsche 911 GT3 RS. Дали токму овие два автомобили ќе се борат на тркачките патеки? Да не го заборавиме и Lamborghini Huracan Performante! На Денот на жената, на саемот во Женева рамо до рамо ќе дебитираат Ferrari 488 Pista и Porsche 911 GT3 RS? Кој е Вашиот избор?

Внатрешноста на 488 Pista.

Дали Porsche 911 GT2 RS ќе падне од тронот?

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -