Македонија ќе биде претставена на светската Каратe 1 Премиер лига во Каиро, Египет, од страна на репрезентативците Петар Спасеновски во категоријата до 84 килограми и Стефан Стојановиќ во категоријата над 84 килограми, кои се членови на карате-клубот „Макпетрол“. Спасеновски е етаблиран национален репрезентативец, со бројни европски и светски медали, додека Стојановиќ минатата година го заврши како најдобро рангиран на светската ранг листа за У21, со бронзен медал од Светското првенство за помлади сениори (У21) и златен медал од младинската Светска премиер лига во Венеција, Италија. Македонските каратисти од машка конкуренција се единствените што ги исполнија условите за да бидат меѓу најдобрите ТОП 32 на ранг-листата на Светската карате федерација, што е неопходно за учество во Карате 1 Премиер лигата во Египет. Тие ќе бидат предводени од тренерот на „Макпетрол“, Петар Заборски, кој поради повреда нема да учествува, иако самиот е меѓу ТОП 32 на светската ранг листа. Настаните во Каиро ќе се одржуваат од 18 до 20 април, со учество на Топ 32-најдобрите натпреварувачи од светот во секоја тежинска категорија. Во елиминациска фаза, секој учесник има три борби во својата група, а само првопласираните продолжуваат во четвртфиналето. Светската Карате 1 Премиер лига преставува највисоко рангирано натпреварување со најквалитетна конкуренција. Во Каиро се очекува учество на 376 елитни спортисти од 65 земји.